02 3121 077
Инспекциски совет

НАДЛЕЖНОСТ НА ИНСПЕКЦИСКИОТ СОВЕТ

РЕЗИМЕ

После децениски обиди за реформирање на инспекцискиот надзор на примена на законите во Република Македонија, Владата на Република Македонија во октомври 2013 година, со измени и дополнувања на Законот за инспекциски надзор воведе системска рамка за формирање на посебен самостоен орган на државната управа - Инспекциски совет, со цел координација на работата и реформите на инспекцискиот надзор во Република Македонија како и системска рамка за обезбедување независност на инспекторатите во управувањето со буџетот, човечките ресурси и другите ресурси за функционирање на инспекторатите.

Кон крајот на јануари 2014 година, со именување на претседател и шест членови на Инспекцискиот совет по области на инспекциски надзор, Владата на Република Македонија го формираше Инспекцискиот совет.

Инспекциски совет е самостоен државен орган со својство на правно лице, се формира заради спроведување на делокругот на надлежности утврдени со овој закон.

Инспекцискиот совет има сопствена буџетска сметка, претставува буџетски корисник од прва линија, самостојно спроведува постапки за вработување согласно со закон и одлучува за правата и обврските од работен однос. Инспекцискиот совет има стручно-административна служба, која ја раководи генерален секретар на начин кој обезбедува законито, стручно, одговорно, навремено и економично работење.

Инспекцискиот совет има печат, лого, веб страница и бесплатен телефонски број на кој се пријавуваат неправилности, недостатоци, ненавремено постапување или корупција во врска со работата на инспекторите и инспекциските служби.

Инспекцискиот совет е составен од претседател и шест члена кои функцијата ја извршуваат професионално.

Претседателот и членовите на Инспекцискиот совет ги избира, по пат на јавен конкурс, и ги разрешува Владата на Република Македонија.

Предметните реформи се насочени кон унапредување на капацитетот на инспекциските служби за заштита на владеењето на правото, заштита на правата на граѓаните,заштита на животот и здравјето на луѓето, заштита на конкурентноста на пазарот и заштита на фикалните интереси на Република Македонија.

Воспоставени се основните претпоставки за спроведување на реформите предвидени со Законот за инспекциски надзор, во смисла на подготвувањето и одобрување на годишните програми за работа на инспекциските служби, планирањето на инспекцискиот надзор и вреднување и оценувањето на извршениот инспекциски надзор, како методи за следење на ефективноста и ефикасноста на инспекцискиот надзор и постоење елементи на дисциплински повреди од страна на инспекторите.

Инспекцискиот совет е надлежен за 28 инспекциски служби (нема надлежност врз инспекциските служби и инспекторите во единиците на локалната самоуправа и градот Скопје, Управа за јавни приходи, Министерство за внатрешни работи), од кои 14 се организирани како инспекторати и 14 како организациони единици во други органи на државната управа.

ФОРМИРАЊЕ И ОРГАНИЗИРАЊЕ НА ИНСПЕКЦИСКИОТ СОВЕТ

Именувани функционери по области на Инспекцискиот совет се:

  • Магдалена Филиповска-Грашкоска –  Претседател на Инспекцискиот совет 
  • Јулијана Силјановска - член на Инспекцискиот совет надлежен од областа на надзор на пазарот, работните односи и безбедност и здравјето при работа
  • Методија Димовски - член на Инспекцискиот совет надлежен од областа на животна средина и заштита на здравјето на луѓето
  • Ресул Шемо - член на Инспекциски совет надлежен од областа на градежништво, урбанизам и транспорт
  • Фитим Лога - член на Инспекцискиот совет надлежен за областа на земјоделство, шумарство, ветеринарство и безбедност на храната
  • Ќерамедин Селими - член на Инспекцискиот совет надлежен за областа на образование, наука и култура
  • Благоја Гешоски - член на Инспекцискиот совет надлежен од областа на управа.

Надлежности на Инспекцискиот совет според Законот за инспекциски надзор се:


  1. ја следи и координира работата на инспекциските служби организирани како органи во состав на министерствата и организациски единици за инспекциски надзор во состав на други органи на државната управа;
  2. се грижи за примената на меѓународно признатите стандарди за инспекциски надзор пропишани од меѓународните, европските и регионалните организации за стандардизација, како и за стандардите и другите стандардизациски документи кои ја сочинуваат националната стандардизација, како и правилата на добра практика кои ги применува субјектот на инспекциски надзор;
  3. дава писмена согласност на годишниот план за инспекциски надзор на инспекциските служби организирани како органи во состав на министерствата и организациски единици за инспекциски надзор во состав на други органи на државната управа;
  4. дава мислење на методологиите за процена на ризик донесени од инспекциските служби организирани како органи во состав на министерствата и организациски единици за инспекциски надзор во состав на други органи на државната управа;
  5. дава мислење на шестмесечните извештаи за инспекциски надзор на инспекциските служби организирани како органи во состав на министерствата и организациски единици за инспекциски надзор во состав на други органи на државната управа;
  6. дава мислење на предлозите на законите и подзаконските акти од областа на инспекцискиот надзор;
  7. донесува насоки за изготвување на актите за внатрешна организација и систематизација на инспекциските служби организирани како органи во состав на министерствата и организациските единици за инспекциски надзор во состав на други органи на државната управа, врз основа на кои Министерството за информатичко општество и администрација дава согласност;
  8. подготвува годишен извештај за работа на инспекциските служби организирани како органи во состав на министерствата и организациски единици за инспекциски надзор во состав на други органи на државната управа, кој го доставува до Владата;
  9. издава налог за вршење на поединечен и заеднички инспекциски надзор, на инспекциските служби организирани како органи во состав на министерствата и организациски единици за инспекциски надзор во состав на други органи на државната управа;
  10. донесува програма за интерактивна обука за стекнување со лиценца за инспектор;
  11. донесува програма за испит за лиценца за инспектор - општ дел и го организира и спроведува општиот дел од испитот за лиценца за инспектор;
  12. издава и одзема лиценца за инспектор;
  13. развива политики за управување со учинокот на инспекторите и ја следи успешноста на нивното работење;
  14. креира единствена рамка за развој и управување со инспекторите во инспекциските служби организирани како органи во состав на министерствата и организациски единици за инспекциски надзор во состав на други органи на државната управа;
  15. воспоставува и одржува систем за стручно усовршување и обука на инспектори во инспекциските служби организирани како органи во состав на министерствата и организациски единици за инспекциски надзор во состав на други органи на државната управа;
  16. донесува и спроведува годишна програма за генеричка обука на инспекторите во инспекциските служби организирани како органи во состав на министерствата и организациски единици за инспекциски надзор во состав на други органи на државната управа;
  17. донесува стратешки план, годишен план за работа и годишен извештај за работа на Советот;
  18. воспоставува и одржува регистри и информациски систем за управување со инспекцискиот надзор;
  19. постапува по претставки од физички и правни лица, поврзани со работата на инспекторите, инспекциските служби и/или субјектите на инспекциски надзор;
  20. поднесува предлог за разрешување на директор на инспекциска служба од член 26, став (1), точка 1;
  21. поднесува иницијатива за утврдување на дисциплинска одговорност на инспектор;
  22. спроведува меѓународна соработка во областа на инспекциски надзор и
  23. други работи утврдени со закон.