02 3121 077

АГЕНЦИЈА ЗА ХРАНА И ВЕТЕРИНАРСТВО

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) е самостоен орган на Владата на Република Македонија надлежна за вршење на работите од областа на безбедноста на храната и храната за животни, спроведување, контрола, надзор и следење на ветеринарните активности во областа на здравствената заштита на животните, нивна благосостојба, ветеринарното јавно здравство, како и контрола на националните референтни и овластени лаборатории кои даваат соодветна поддршка за потребите на Агенцијата.

АХВ е одговорна за координација на законодавството и контролните системи за прашањата од областа на безбедност на храната и храната за животни меѓу надлежните институции во Република Македонија, како и комуникација со институциите на Европската унија за активностите утврдени во Поглавјето 12-Безбедност на храната, ветеринарна и фитосанитарна политика.

АХВ е контакт точка за EFSA, RASFF и Codex Alimentarius.

Со своето работење, АХВ има за цел да обезбеди постојана грижа за заштита на здравјето на луѓето од болести кои се пренесуваат преку храната, заштита на потрошувачите од заблуда и нивно отворено, чесно и навремено информирање за можни опасности од храната, заштита на здравјето на животните и нивната благосостојба, како и заштита на животната средина од загадување со отпад од животинско потекло, преку контрола на спроведување на прописи усогласени со стандардите на ЕУ како и меѓународните стандарди ратификувани од Република Македонија.

Одлуката за усвојувањето на Системот за управување со квалитет преку имплементацијата на меѓународниот стандард ISO 9001:2008, за Агенцијата за храна и ветеринарство значи примена но принципите за квалитет во сите сегменти од нејзиното работење.

Политика за квалитет

Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија (АХВ) претставува институција надлежна за вршење на работите од областа на безбедноста на храната и храната за животни, спроведување, контрола, надзор и следење на ветеринарните активности во областа на здравствената заштита на животните, нивната благосостојба, ветеринарното јавно здравство, како и контролата на националните референтни лаборатории кои даваат соодветна поддршка за потребите на Агенцијата.

Нашата визија е: АХВ да биде препознатлива како институција која е синоним за безбедност на храната, преку која се обезбедува заштита на здравјето на населението и заштита на здравјето и благосостојбата на животните, како и заштита на интересите на потрошувачите, преку примена на најсовремените научни и технички решенија од областа на безбедноста на храната и храната за животни!

Политиката на квалитет на АХВ се заснова на следните цели:

  • Континуирано следење на сите новини во врска со безбедноста на храната и ветеринарното здравство и прилагодување на националното законодавство во овој дел со европското;
  • Ефикасно и навремено задоволување на барањата на корисниците на услуги и други заинтересирани страни;
  • Континуирана едукација и обука на вработените со цел ефективно и ефикасно извршување на работните задачи;
  • Овозможување на слободна трговија на домашниот и меѓународниот пазар;
  • Континуиран преглед и подобрување на ефикасноста на системот за квалитет преку усовршување на услугите во согласност со барањата на стандардите;
  • Креативно и тимско работење на вработените;
  • Постојана мотивација на вработените;
  • Примена на етички кодекс на државните службеници кој се однесува на професионален интегритет, ефикасност, ефективност и посветеност при вршењето на нивните службени должности.

Сите вработени прифаќаат на своите работни места да ги извршуваат задачите во согласност со утврдената Политика за квалитет и унапредување на квалитетот.

Нашата мисија е: АХВ води постојана грижа за заштита на здравјето на луѓето од болести кои се пренесуваат преку храната и преку животните, заштита на потрошувачите од заблуда и нивно транспарентно и навремено информирање за можни опасности од храната, заштита на здравјето на животните и нивната благосостојба, како и заштита на животната средина од загадување со отпад од животинско потекло, преку контрола на спроведување на прописи усогласени со стандарди на ЕУ и меѓународните стандарди ратификувани од Република Македонија.