02 3121 077

ЦЕНТАР ЗА УПРАВУВАЊЕ СО КРИЗИ

Центарот за управување со кризи, како и Управувачки комитетот и Групата за процена, е формиран заради предлагање одлуки и обезбедување постојани консултации, координација, навремена реакција, ефикасност и соодветно искористување на ресурсите што се на располагање во случај на кризна состојба, а и за обезбедување навремена, квалитетна и реална процена на загрозеноста на безбедноста на Република Македонија од ризици и опасности.

САМОСТОЕН ОРГАН НА ДРЖАВНА УПРАВА

Центарот за управување со кризи, како самостоен орган на државна управа со позиција и функција на дирекција и во својство на правно лице, е предвидено да ги врши следните работи:

  • обезбедува континуитет во меѓуресорската и меѓународната соработка, консултации и координација во управувањето со кризи;
  • изработување и ажурирање на единствена процена на ризиците и опасностите за разрешување на кризната состојба; - предлага мерки и активности за разрешување на кризна состојба и врши и други работи утврдени со закон.

Центарот е носител на вкупната поддршка (стручна, организациона, административна и друга) на Управувачкиот комитет и на Групата за процена.

РАКОВОДНА СТРУКТУРА НА ЦЕНТАРОТ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО КРИЗИ

Со Центарот раководи директор, кој го именува Владата на Република Македонија со мандат од четири години. За директор се именува цивилно лице, кое пред именувањето работело најмалку шест години на работни места во органите на државната управа или институциите чие работење е поврзано со одбраната и безбедноста на Републиката. Владата именува и заменик на директорот на Центарот со мандат од четири години. Заменикот го заменува директорот во случај кога тој е отсутен или кога поради болест и други причини не е во можност да ја врши својата функција, со сите негови овластувања и одговорности во раководењето. Заменикот во соработка со директорот врши работи од надлежност на директорот што тој ќе му ги довери.

РЕГИОНАЛНА ОРГАНИЗАЦИЈА

Инаку, во земјава се формирани вкупно 35 центри: 34 регионални центри за управување со кризи со седишта во одредени општини и еден Центар за управување со кризи на град Скопје. Тие во регионите каде што се лоцирани се информираат, ја следат состојбата, разменуваат податоци и информации. Тие постојат и заради давање предлози за управување со кризна состојба и за изработка на процена. Во нив се формираат регионални штабови, а Центарот за управување со кризи, се формира Главен штаб , раководен од директорот на Центарот, како оперативно стручно тело, кое раководи со активностите за превенција и справување со кризни ситуации.Дисперзирањето на регионалните обврски, поточно на општинските, значи да се создадат услови секој да планира и да се оспособува за справување со кризна состојба. Кога кризата ќе ги надмине можностите на општината, тогаш дејствувањето се профилира на друго ниво, односно начин на справување со кризата, прво на меѓуопштинско ниво (соседни општини), а потоа и на државно ниво, преку координирано дејствување со ресурсите со кои располага државата.

МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА

Во поглед на меѓународната соработка, соработка се воспоставува со Организацијата наОбединетите нации, Организацијата за безбедност и соработка во Европа, Европската унија, НАТО,центрите на други држави, како и со странските амбасади во земјава. Центарот соработува и со Меѓународниот комитет на Црвениот крст и со Меѓународната федерација на друштвата на Црвениот крст и Црвената полумесечина и други меѓународни хуманитарни организации.

Во согласност со ратификуваните меѓународни договори, како и врз основа на препораките и насоките на Управувачкиот комитет и на Групата за процена, во прогласена кризна состојба Центарот ја остварува координацијата и со меѓународните организации. Според тоа, во функција на заштита на интересите на Република Македонија во кризна состојба, по одлука на Владата , можат да учествуваат и меѓународни организации, институции и поединци.

КРИЗНА СОСТОЈБА ВО РЕПУБЛИКАТА

Кога со кризната состојба е загрозена безбедноста на Република Македонија, а органите на државната управа немаат соодветни ресурси и средства за нејзина превенција и справување, тогаш дел од Армијата учествува во поддршка на полицијата. За армиското учество во справувањето со евентуална криза, предлог до Владата дава Управувачкиот комитет, а видот и бројот на силите, како и капацитетите на армиските единици, нивната намена, задачите што се бараат и времетраењето на активноста и ангажирањето, ќе се допрецизираат со пропис на претседателот на Републиката. За учество на дел од Армијата во справувањето со кризна состојба одлучува Претседателот на Републиката, кој впрочем е и врховен командант на АРМ. Тој може во секое време да ја преоцени потребата од учество на дел од Армијата. Инаку, Претседателот го одредува начинот на армиското учество во кризна состојба, а министерот за одбрана во согласност со министерот за внатрешни работи ги регулираат работите околу обезбедувањето на потребната подготвеност, на обуката и вежбите за евентуално такво учество на Армијата во поддршка на полицијата во случај на кризна состојба.

Центарот за управување со кризи е одговорен за координацијата на своите и сите други потребни активности со сите учесници во системот за управување со кризи, обезбедуваконтинуирана меѓусебна комуникација и соработка за прибирање на податоци и информации,информира и предлага мерки за ризиците и опасностите што можат да ја загрозат безбедноста на Републиката.