02 3121 077

ДИРЕКЦИЈА ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА КЛАСИФИЦИРАНИ ИНФОРМАЦИИ

Со искажаната определба за интеграција во евроатлантските структури, РМ започна да ги презема неопходните чекори за приближување кон НАТО и кон ЕУ, што подразбира и размена на класифицирани информации.

По потпишувањето на Безбедносната спогодба меѓу Република Македонија и НАТО во 1996 година, во рамките на Министерството за одбрана е формирана Службата за реципрочна безбедност за заштита на информации што се разменети меѓу РМ и НАТО. За безбедна дистрибуција на класифицираните информации до крајните корисници, во Службата е формиран Централен регистар, а во Министерството за внатрешни работи и во Министерството за надворешни работи подрегистри.

Во март 2002 година со Одлука на Владата на Република Македонија („Службен весник на РМ“, бр. 21/02) е формиран Националниот безбедносен авторитет на Република Македонија во НАТО контекст (НБА) како стручна служба на Владата. НАТО го поздрави напредокот на Службата со забелешка дека таа и понатаму треба да се развива со цел успешно да ги извршува своите задачи и да биде финансиски самостојна.

Во таа насока, Република Македонија презеде активности за промени во безбедносниот сектор поврзани со класифицираните информации, поради што се презедоа активности за изработка и донесување на Законот за класифицирани информации.

Законот за класифицирани информации („Службен весник на РМ“, бр.9/04) влезе во сила на 5 март 2004 година и со тоа поранешниот НБА прерасна во Дирекција за безбедност на класифицирани информации како самостоен орган на државната управа со својство на правно лице. Согласно Законот, во ноември 2004 година беа донесени Уредбата за административна безбедност на класифицирани информации, Уредбата за физичка безбедност на класифицирани информации и Уредбата за безбедност на лицата корисници на класифицирани информации, а во март 2005 година беа донесени Уредбата за индустриска безбедност на класифицирани информации и Уредбата за информатичка безбедност на класифицирани информации.

Во септември 2007 година беше донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за класифицирани информации („Службен весник на Република Македонија“, бр. 113/07) со којшто се воспостави целосна контрола не само врз странските туку и врз националните класифицирани информации, односно се воспостави инспекциски надзор врз сите државни органи и други физички и правни лица за доследна примена на Законот за класифицирани информации.

Донесени се и други интерни правни акти сврзани со заштитата на класифицираните информации согласно безбедносните стандарди на НАТО и ЕУ.

Согласно Законот за класифицирани информации („Службен весник на РМ“, бр 9/04) и Законот за изменување и дополнување на Законот за класифицирани информации („Службен весник на РМ“, бр 113/07), Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации е основана за спроведување на утврдената политика за заштита на класифицираните информации и на меѓународните стандарди, за реализирање на размената на класифицирани информации во согласност со меѓународните договори, за вршење инспекциски надзор на спроведувањето на одредбите на Законот за класифицирани информации и на другите прописи од областа на класифицираните информации, како и за вршење други работи утврдени со Законот.

Оттаму, произлегуваат и надлежностите на Дирекцијата, коишто по својата природа можат да се поделат во три групи:

  • надлежности со внатрешна димензија коишто се однесуваат на примената на меѓународните стандарди и норми на национално ниво во размената на класифицирани информации, вклучувајќи и соодветна заштита на примените информации;
  • надлежности со надворешна димензија коишто се однесуваат на вршењето контрола на начинот на којшто се чуваат и се заштитуваат класифицираните информации што РМ им ги има отстапено на користење на странски држави и на меѓународни организации, како и надлежностите коишто се однесуваат на учеството на РМ во евроатлантските структури и иницирањето склучување меѓународни договори;
  • други надлежности коишто се однесуваат на развивање планови за заштита на класифицирани информации во вонредни состојби, како и обука на корисниците на класифицираните информации преку организирање разни советувања, семинари и одделни консултации.

Подетално, Дирекцијата:

  • обезбедува континуирано спроведување на меѓународните стандарди и нормативи во преземањето на мерките и активностите за заштита на класифицираните информации;
  • врши координација на активностите во обезбедувањето заштита на класифицираните информации со државните органи и институциите коишто вршат размена на класифицирани информации со странски држави и меѓународни организации;
  • ги подготвува, ги организира, ги спроведува и го следи спроведувањето на мерките и активностите за обезбедување заштита на класифицирани информации што на Република Македонија и се отстапени на користење од странски држави и од меѓународни организации;
  • презема активности за заштита на класифицирани информации отстапени од Република Македонија на странски држави и на меѓународни организации;
  • учествува во изготвување планови и програми на Република Македонија за членство во меѓународни организации од областа за обезбедување заштита на класифицираните информации;
  • планира и остварува меѓународна соработка за заштита и размена на класифицирани информации;
  • предлага мерки за унапредување на заштитата на класифицирани информации;
  • покренува иницијативи за склучување меѓународни договори со странски држави и меѓународни организации од областа на размената на класифицирани информации;
  • покренува иницијативи за донесување безбедносни планови за заштита на класифицирани информации во вонредни состојби;
  • ги обучува корисниците на класифицираните информации, како и заинтересираните органи, организации и поединци во Република Македонија;
  • врши инспекциски надзор на спроведувањето на одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за класифицирани информации и
  • врши други работи утврдени со Законот за класифицирани информации и со друг закон.

Со донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за класифицирани информации и со проширување на надлежностите на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации во доменот на инспекцискиот надзор и на националните класифицирани информации, од септември 2007 година Дирекцијата:

  • врши инспекциски надзор на спроведувањето на одредбите на Законот за класифицирани информации и на другите прописи од областа на класифицираните информации при ракувањето со националните и со странските класифицирани информации во земјата преку овластени инспектори на Дирекцијата;
  • води прекршочни постапки и одлучува по прекршоци направени во однос на националните прописи коишто ја регулираат безбедноста на националните класифицирани информации и на странските класифицирани информации разменети на билатерална основа со други држави или со меѓународни организации (НАТО и ЕУ) преку Комисијата за одлучување по прекршок формирана во Дирекцијата.