02 3121 077

ДИРЕКЦИЈА ЗА РАДИЈАЦИОНА СИГУРНОСТ

Дирекцијата за радијациона сигурност е самостоен орган на државната управа со својство на правно лице и врши управни и стручни работи од областа на заштита од јонизирачкото зрачење.

Дирекцијата за радијациона сигурност воспоставува систем за контрола врз сите извори на јонизирачко зрачење, обезбедува соодветна заштита на населението, општеството и животната средина од штетните влијанија на јонизирачкото зрачење. Потоа врши надзор на овластени технички сервиси, правни лица и поединци кои поседуваат извори на јонизирачко зрачење на територијата на Република Македонија,исто така издава и одзема дозволи за вршење на дејност со извори на јонизирачко зрачење.

Дирекцијата за радијациона сигурност активно учествува во меѓународната соработка на полето на јонизирачко зрачење, како и радијационата и нуклеарна безбедност и сигурност.

Дирекцијата ги врши следниве работи:

  • ја води постапката на пријавување, издавање на дозвола и контрола на изворите на јонизирачкото зрачење, во согласност со овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон;
  • издава и одзема дозволи за вршење на дејност со извори на јонизирачко зрачење;
  • ги утврдува изложувањата кои се исклучени со општ акт донесен врз основа на овој закон и изземањата на изворите на јонизирачкото зрачење со ниска активност пропишана со општ акт донесен врз основа на овој закон;
  • води Национален регистар на изворите на јонизирачкото зрачење и на професионално изложени лица, како и регистар за нуклеарен материјал;
  • врши надзор над стручната работа на правните лица кои работат со извори на јонизирачкото зрачење преку овластена стручна институција;
  • соработува со други органи на управата и институции во врска со работите што се во надлежност на Дирекцијата;
  • се грижи за обука на одговорни лица за радијациона заштита и на лицата кои работат со извори на јонизирачко зрачење;
  • иницира истражување во областа на заштитата од јонизирачко зрачење, на радијациона сигурност и нуклеарна безбедност;
  • ја утврдува висината на трошоците за издавање на дозволи и лиценци;
  • води евиденција и контрола на вкупниот нуклеарен материјал во Република Македонија;
  • изработува План за заштита на населението во случај на радијационен вонреден настан во Република Македонија;
  • планира и спроведува меѓународна соработка во областа на јонизирачкото зрачење;
  • врши инспекциски надзор;