Вовед
Почитувани инспектори,
Согласно член 3, точка 3 од Законот за инспекциски надзор („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 102/19), „инспектор е службено лице со овластувања, одговорности, права и обврски утврдени со закон, кое врши инспекциски надзор“. Во тој контекст, вие инспекторите имате самостојност и независност во вршењето на инспекцискиот надзор и во преземањето на инспекциски мерки утврдени со закон, се разбира во рамките на овластувањата и надлежностите кои се утврдени со овој или друг закон.
Законот посветил големо внимание на вас и многу прецизно и детално ги пропишал вашите права, но и обврски. Тие се детално регулирани во поглавјата VI – IX. Новиот закон прави голема реформа во системот на вработувањето на инспекторите и во овој дел тој се применува за сите инспектори вработени во инспекциските служби на централно и на локално ниво. Со членот 38 од законот јасно се утврдува дека инспекторите се, пред сѐ, административни службеници од категориите Б и В. Дополнително, во согласност со Законот за административни службеници, во членот 39 од законот се опишани звањата за инспекторите утврдени.