Филиповска-Грашкоска: Владата ги задолжи надлежните министерства да ги разгледаат и одобрат Годишните планови за вработување на инспекциските служби


Владата на вчерашната седница донесе заклучок, со кој ги задолжи Министерството за финансии, Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за политички систем и односи со заедниците со највисок приоритет да ги разгледаат и одобрат Годишните планови за вработување на инспекциските служби за 2021 година на сите инспекциски служби.

Заклучокот е донесен во координација и со поддршка од заменикот на Претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски. Ова е уште еден чекор напред во заложбите на Владата и на вицепремиерот Николовски, за кадровската екипираност на инспекциските служби, за создавање на ефикасен контролен механизам.

Во период од 25-ти до 31-ти јануари, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за транспорт и Агенцијата за лекови и медицински средства, спроведоа вкупно 4.959 надзори и контроли.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат изврши 131 надзори, врз основа на кои изрече 15 решенија. При тоа, овој инспекторат којшто покрај вршењето на надзори во здравствените установи, задолжен е и за издавање на решенија за изолација, во посочениот период издаде вкупно 4373 решенија за изолација и домашно лекување на лица позитивни на КОВИД-19 и лица кои биле во контакт со заболени лица од КОВИД-19, со што продолжува трендот на опаѓање на решенија за изолација.

Во истиот период, инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, извршија 3.571 контроли и 757 надзори поврзани со почитување на здравствените протоколи за отворање и работа на кафетерии и угостителски објекти кои послужуваат храна, Закон за заштита на потрошувачи; Закон за трговија; Закон за нерегистрирана дејност; Закон за угостителска дејност; Закон за градежни материјали; Закон за занаетчиска дејност; Закон за енергетика; Закон за метрологија; Закон за безбедност на производите; Закон за заштита од пушењето.

При спроведените надзори, изречени се 23 прекршочни пријави и 134 решенија за констатираните неправилности, како и 63 прекршочни платни налози. Од вкупниот број на решенија, 5 решенија се донесени поради непочитување на Законот за заштита на населението од заразни болести и Протоколот за работа на угостителските објекти и тоа за 2 угостителски објекти во Охрид и по 1 угостителски објекти во Гостивар, Тетово и Битола, во кои не се почитувало работното време и ограничувањето за 4 лица на една маса. Во сите случаи изречена е мерка забрана за вршење на дејност, односно истите се затворени за работа на лице место, а дополнително и изречени им се соодветни прекршочни платни налози.

Во периодот од 25-ти до 31-ви Јануари, Инспекторат за транспорт изврши 46 надзори, при што за непочитување на материјалните закони изречени се: 9-прекршочни пријави и 3 решение. Во однос на Законот за заштита на населението од заразни болести, минатата недела во 3 случаи е констатирано непочитување на Протоколот за меѓународен превоз на патници на граничниот премин Табановце, за што се поднесени 3 прекршочни пријави.

Државниот инспекторат за труд, во изминатите 7 дена изврши 367 надзори во правни субјекти на територијата на целата држава со фокус на почитување на здравствениот протокол за превентивни мерки за сите работни места. При тоа инспекторатот изрече 10 решенија и 5 прекршочни платни налози. Од вкупниот број на решенија, 1 решение е донесено поради непочитување на Протоколот за превентивни мерки за сите работни места, а дополнително согласно Законот за заштита на населението од заразни болести издадени се 5 ППН за 5 лица заради неносење на заштитна маска на работно место.

Агенцијата за лекови и медицински помагала, МАЛМЕД во истиот период спроведе 14 надзори во аптеки по основ почитување на мерките на Владата односно за формирани цени на заштитни средства од корона и при истите не се констатирани неправилности.

Агенцијата за храна и ветеринарство, изврши 390 надзори, при што издадени се 14 решенија, 31 едукации, 1 ППН и 31 едукација, по основ на нерегистриран оператор, непостапување по наредени мерки, неводење на записи за ДХП, неизвршени здравствени прегледи, неправилно складирање, чување и означување на производи.

Државниот инспекторат за животна средина, во текот на минатата недела изврши вкупно 50 надзори. При тоа, за констатираните неправилности од областа на животната средина инспекторите донесоа 8 решенија.

Со оглед на тоа, дека вирусот е сé уште присутен, мерките за заштита и спречување на ширење на корона вирусот се сеуште на сила, инспекциските служби и во периодот што следува ќе продолжат со интензивните контроли на терен.

Веб порталот е изработен со поддршка на Проектот на ЕБОР – „Поддршка за подобрување на ефективноста на инспекциските служби во Северна Македонија“. Информациите објавени на оваа веб страница не ги одразуваат ставовите на Европската банка за обнова и развој или Владата на Луксембург.

ул. Даме Груев бр.3 блок 2, локал 5

1000 Скопје

Република Северна Македонија

Контакт телефон: +389 02 310 30 30

Електронска адреса: contact@is.gov.mk