Реализирани активности во рамки на Проектот – Развој на информацискиот систем за инспекциски надзор Е – Инспектор

Сподели

Во рамки на Проектот – Развој на информацискиот систем за инспекциски надзор, Е – Инспектор, кој се развива со поддршка на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), во изминатиот период се работеше на подобрување на функционалностите на тест околината за трите пилот инспекторати (ДПИ, ДУИ и ДТИ) и Инспекцискиот совет, преку изработка на ГАП Анализа. Наодите утврдени во анализата се аплицирани во софтверот и истиот е поставен на продукција. Оттука, спроведувањето на инспекцискиот надзор за Државниот пазарен инспекторат, Државниот управен инспекторат и Државниот трудов инспекторат, како и давањето на налозите за вонреден инспекциски надзор од страна на Инспекцискиот совет веќе се спроведува и преку Информацискиот систем Е-Инспектор.

Исто така во изминатиот период се одржаа работилници за идентификување на спецификите при вршење на инспекциски надзор за Државниот инспекторат за земјоделство, Агенцијата за храна и ветеринарство и Државниот инспекторат за употреба на јазиците и нивните модули се во фаза на изработка. Во меѓувреме овие три инспекциски служби потпишаа договори за користење на податоци преку Платформата за интероперабилност со Централниот регистар, Агенцијата за вработување и Царинската управа.

Во тек се работилници со инспекторатите предвидени за развој од вториот квартал и тоа: Државниот инспекторат за животна средина, Државниот просветен инспекторат и Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Во следните три месеци, за овие три инспекторати ќе следи потпишување на договори за користење на податоци од Централниот регистар, Агенцијата за вработување и Царинската управа, како и развој на нивните модули, при што ќе бидат земени во предвид нивните специфики при вршење на инспекцискиот надзор.

Е – Инспектор за новите 13 инспекциски служби планирани во рамки на проектот ќе биде целосно функционален по завршување на развојот на сите 13 модули, односно во март 2024 година.


Сподели