Субјекти на инспекцискиот надзор


Почитувани субјекти на инспекцискиот надзор,

На овие страници можете да најдете информации кои ќе ви помогнат подобро да ја разберете вашата улога во процесот на инспекциски надзор, вклучувајќи ги вашите права и обврски.

Согласно член 3, точка 2 од Законот за инспекциски надзор („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 102/19), „субјект на инспекциски надзор е правно и физичко лице утврдено со законите во кои е предвидено вршење на инспекциски надзор“.

Во овој контекст Законот посветил должно внимание, со тоа што вашите права и обврски се поместени во посебно поглавје, имено поглавјето VII. Субјект на инспекциски надзор. Со новиот Закон за инспекциски надзор, се прават значајни реформи во инспекцискиот систем, кои се однесуваат и на вас – субјектите на инспекциски надзор.

Главната „добивка“ за вас е новиот пристап со кој се намалува репресивниот карактер на инспекцискиот надзор, за сметка на зајакнување превентивната улога на инспекторите.

Вашите права се прецизно утврдени во членот 62, според кој секој субјект на инспекцискиот надзор има право:

  1. да предлага и да поднесува докази кои се од значење за утврдување на фактичката состојба, во текот на постапката за вршење на инспекцискиот надзор;
  2. да одбие да го потпише записникот ако не се согласува со фактите кои се наведени во записникот или ако му е оневозможено правото да даде забелешка на истиот;
  3. да даде забелешка со образложение, на записникот за извршен инспекциски надзор, во однос на:  законитоста на постапката на инспекцискиот надзор, однесувањето на инспекторот и точноста на утврдената фактичка состојба;
  4. на писмено известување за предметот и времетраењето на редовниот инспекциски надзор, придружено со листа за проверка;
  5. да биде запознаен со правата и должностите кои ги има во контекст на инспекцискиот надзор;
  6. да биде запознаен со правниот основ за вршењето на инспекцискиот надзор;
  7. да го предупреди инспекторот на тајноста на информации кои му ги става на располагање;
  8. да го придружува инспекторот/ите за време на инспекцискиот надзор кој се врши во просториите на субјектот;
  9. да добие примерок од секоја листа за проверка која ќе се употреби при инспекцискиот надзор;

Вашите права неопходно е да ги разберете и во контекст на начелата на инспекцискиот надзор, вклучувајќи ги начелото на законитост, начелото на материјална вистина, и начелото на сослушување на субјектите на инспекциски надзор. Особено е важно последното, бидејќи само доколку активно учествувате во утврдувањето на фактичката состојба, можете да очекувате дека при надзорот ќе се дојде до целосната материјална вистина.

Вашите обврски, исто така, се детално уредени со членот 63 од Законот, според кој:

  1. Субјектот на инспекциски надзор е должен на инспекторот да му овозможи пристап до просториите, производите, електронските бази на податоци или кое било друго средство кое е предмет на инспекцискиот надзор, како и увид во целокупната документација и информации неопходни за утврдување на фактичката состојба.
  2. Субјектот на инспекциски надзорот е должен по писмено барање на инспекторот, во рокот определен со барањето, на инспекторот да му достави или подготви точни и целосни податоци, извештаи, материјали или други документи кои се неопходни за извршување на инспекцискиот надзор.
  3. Субјектот на инспекциски надзор е должен на инспекторот да му ги обезбеди условите неопходни за спроведување на инспекцискиот надзор.
  4. Субјектот на инспекциски надзор е должен да определи лице кое ќе биде присутно при вршењето на инспекцискиот надзор.
  5. Субјектот на инспекциски надзор е должен по образложено писмено барање на инспекторот, да го прекине работењето за време на инспекцискиот надзор, доколку инспекторот на друг начин не може да го изврши инспекцискиот надзор.
  6. Субјектот на инспекциски надзор е должен веднаш по истекот на рокот определен за извршување на инспекциската мерка, а најдоцна во рок од три дена, писмено и/или по електронска пошта, да го извести инспекторот дали е извршена инспекциската мерка.

Важно е да бидете свесни дека неисполнувањето на некои од овие обврски, создава можност да бидете глобени, во согласност со членовите 98 и 99 од Законот

Веб порталот е изработен со поддршка на Проектот на ЕБОР – „Поддршка за подобрување на ефективноста на инспекциските служби во Северна Македонија“. Информациите објавени на оваа веб страница не ги одразуваат ставовите на Европската банка за обнова и развој или Владата на Луксембург.

ул. Даме Груев бр.3 блок 2, локал 5

1000 Скопје

Република Северна Македонија

Контакт телефон: +389 02 310 30 30

Електронска адреса: contact@is.gov.mk